24фудбал

Ако Каталонија прогласи независност, Барселона ќе лета од Ла Лига!

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас предупредува дека доколку регионот се оддели од Шпанија, Барселона и Еспањол ќе бидат исфрлени од шпанската фудбалска лига.

Шпанија
Во недела во Каталонија ќе се оддржат парламентарни избори, а една од клучните агенди на кандидатите за прибирање на гласачи е процесот за независност на регионот.
 
Пике, Чави и Гвардиола јавно ја поддржуваат независноста на Каталонија, веруваат дека жителите на овој регион треба да гласаат на референдум за отцепување од Шпанија.
 
Но, претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас Медрано предупредува дека независност на Каталонија ќе значи и крај на настапот на Барселона и Еспањол во шпанската фудбалска лига.
 
„Доколку Каталонија се одвои од Шпанија, клубовите од тој регион нема да играат во Ла Лига. Се надеваме дека нема да дојдеме до таква ситуација" - напиша Тебас на својот твитер профил.
 
Минатата недела и министерот за спорт на Шпанија потврди дека Барселона нема да игра во Ла Лига доколку Каталонија се отцепи.
 
„ФК Барселона нема да може да продолжи во шпанската лига. Апсурдно би било да се мисли дека доколку Каталонија стане независна, клубот би можел да побара да биде регистриран од шпанската федерација" - вели министерот за спорт, Мигуел Карденал.
 
Барселона се дистанцира од политиката, претседателот на клубот, Хосеп Мариа Бартомеу вели дека тие нема да бидат инволвирани во изборите со свој став, неутрални се, и ги интересираат само спортски прашања.
 
„Ние секогаш зборуваме само за спортот. Нема да бидеме дел од кампања. Ги разбирам политичарите дека треба да го прават тоа, но Барселона е неутрална" - вели Бартомеу.