24фудбал

Педро се прости од Барса

Педро им се заблагодари на ’Каталонците’ што му овозможиле да заигра во првиот тим и истакна дека морал да замине од Камп Ноу во потрага на поголема минутажа

Шпанија

Репрезентативецот на ’Црвената Фурија’, кој во неделата дебитираше за Челзи и постигна гол на дуелот со ВБА, попладнево се појави на прес-конференција во Барселона за да се прости со шампионот на Шпанија.

„Поминав многу години тука” – вели Педро. „Ја прифатив фолозофијата на клубот уште од првиот ден”.

„Ми беше сон да заиграм за првиот тим на Барселона, па сакам да им се заблагодарам на сите”.

„Секогаш го давав максимумот. Заминувам со исправена глава, и со собрано големо искуство од соработката со легенди како Чави, Иниеста, Пујол, Пике, Серхио и секако, најдобриот во светот Лео Меси”.

„Жалам што го напуштам мојот дом, но среќен сум што го дадов најдоброто од себе”.

За одлуката да замине, Педро вели: „Јас сум амбициозен, сакам да играм, сакам минутажа”.

„Работите станаа комплицирани, кон финишот на минатата сезона сфатив дека ќе ми биде тешко, и знаев дека постои можност да заминам”.

„Посакував да се пензионирам во Барса, но околностите не го дозволија тоа. Ризикував со тоа што решив да заминам”.

Манчестер јунајтед долго време се поврзуваше со ангажман на Педро и кога се чинеше дека ’Црвените Ѓаволи’ ја добиваат битката за потписот на играчот, Челзи успеа да го ангажира Шпанецот пред носот на својот голем ривал.

„Мурињо ми се јави, и ми се допадна она што ми го кажа. Но не беше само Мурињо причината за мојот избор”.

„Ми се допаѓа и клубот, можноста да живеам во Лондон а во тимот имам и неколку пријатели”.

„Имаше интерес од неколку клубови. Сите добро знаат за интересот на Манчестер Јунајтед”.

„Поласкани сте кога за вас се интересираат големи клубови како Манчестер јунајтед, Манчестер сити и Челзи”.

„На крајот Челзи беше најконкретен и за кракто време пронајде решение за мојата ситуација”.

„Не жалам, Челзи е голем клуб со многу добри играчи и исто како Барселона атакува на сите титули”.