24фудбал

Де Винсенти го урна сонот на Вардар

’Црвено-црните’ одново останаа непоразени во дуелот со АПОЕЛ, но и покрај тоа доживеаа елиминација од Лигата на Шампионите, клубот од Кипар оди понатаму поради гол во гости

Македонија

Шампионот на Македонија важеше за аутсајдер во пресрет на двомечот, но со добра игра минатата недела на гостувањето во Кипар обезбеди позитивен резултат.

Потоа следеше и поволна ждрепка за третото квалификациско коло, па Вардар влезе со големи амбиции во овој дуел.

’Црвено-црните’ вечерва одиграа храбро, достојно му парираа на противникот, сепак сонот за историски успех и пласман во групната фаза од ЛШ или ЛЕ беше урнат по еден час игра на Арената Филип Втори.

Вардаровите дефанзивци лошо поставија една офсајд стапица, Мијушковиќ задоцни со извлекувањето, па Де Винсенти се најде осамен пред голот на Пачовски и успеа да го донесе АПОЕЛ во предност од 1-0.

На Вардар потоа му беа потребни два погодоци за пласман во следната фаза, ’Црвено-црните’ фрлија се на една карта, а ваквата игра вроди со плод дури во четвртата минута од судиското надополнување.

По една лоша интервенција на дефанзивците на АПОЕЛ, Љамчевски биеше од косо, топката закачи еден гостински играч и заврши во мрежата на шампионот на Кипар.

Сепак, немаше време за нов погодок и чудо, па Вардар ја заврши епизодата во Европа.