24фудбал

Вардар пред полни трибини го урива АПОЕЛ!

Вечерва со почеток од 20.00 часот пред полни трибини на „Филип втори“ Арената, Вардар го пречекува АПОЕЛ во реванш натпреварот од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите.

Македонија
Вардар вечерва игра голем натпревар, македонскиот шампион ќе се обиде да дојде до резултат против АПОЕЛ кој ќе го однесе во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите кое е чекор до историски пласман во групна фаза од ЛЕ или ЛШ.
 
Но сега целиот фокус е на вечерашниот дуел, Вардарци имаат позитивен резултат од Никозија, 0-0 кои ќе го распродадат стадионот „Филип втори“ и ќе создадат атмосфера како ретко кога.
 
Дефанзивната тактика од Кипар ќе биде променета, Сергеј Андреев вети дека ќе има промени но очекувано не сакаше да ги отвори картите и да го послужи гостинскиот тренер со своите замисли кои ги има за вечерашниот меч.
 
Вардар ќе биде поофанзивен, потребен ќе биде најмалку еден погодок, бидејќи мала е веројатноста мрежите да мируваат и вечерва па победникот да биде одлучуван на пенали. 
 
Анализите велат дека АПОЕЛ игра многу подобро на домашен терен, но тоа не смее да ги залажува фудбалерите на македонскиот шампион. Вардаровите играчи ќе треба во целост да ги исполнат замислите на стручниот штаб, да не дозволат да бидат понесени од атмосферата која ќе се создаде на трибините, со максимален фокус и ладни глави да се добие големиот меч.
 
По ремито без погодоци атмосферата во АПОЕЛ не е на највисоко ниво, кипарскиот тим очекуваше полесна задача, но сега стравува од рана елиминација од фудбалска Европа. Провокациите кои нашите играчи ги доживеаа на гостинскиот терен ќе бидат само дополнителна мотивација да се урне арогантниот противник.
 
Вардар има квалитет, Вардар може на навивачите да им даде натпревар за кој долго ќе прераскажуваат и да закаже меч од следното квалификациско коло од Лигата на шампионите каде што ќе го очекува подобриот од дуелот помеѓу Митјиланд и Линколн.