24фудбал

Пачовски е херојот на Вардар, македонскиот шампион се враќа непоразен од Кипар!

Вардар ја оствари мисијата во Никозија, македонскиот шампион одигра 0-0 против фаворизираниот АПОЕЛ и за седум дена на Филип Втори Арената ќе има одлични услови за пласман во следното квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Лига на Шампиони
Вардар со голем резултат се враќа од Кипар, фудбалерите на Сергеј Андреев одиграа одлична дефанзива на чело со Томе Пачовски кој беше херојот на македонскиот тим и успеаа да ја сочуваат сопствената мрежа.
 
Натпреварот започна со можност на Вардар, во 7. минута по нафрлување на Фелипе малку фалеше некој од високите вардарови фудбалери да ја погоди топката со глава и да ја внесе во мрежата на домаќинот.
 
Тоа беше и единствениот посериозен обид на Вардар, како одминуваше натпреварот АПОЕЛ комплетно ја превземаше иницијативата и се обидуваше да креира шанси.
 
Домаќините првите вистински шанси ги имаа во финишот од првото полувреме но Пачовски со две прекрасни интервенции го спаси вардаровиот гол.
 
АПОЕЛ офанзивно го започна и второто полувреме. Луис Леао во 54. минута имаше одлична можност, топката профуче кон нашиот гол. Осум минути подоцна Пачовски уште еднаш интервенираше одлично.
 
Тука запреа шансите за домаќините кои очигледно не беа физички подобро подготвени од нашиот тим кој многу успешно го приведе натпреварот до крајот и дојде до поволен резултат.
 
Исход од Кипар кој ветува полна „Филип Втори“ Арена, Вардар има одлична шанса да го елиминира АПОЕЛ и да го продолжи патот низ квалификациите во Лигата на шампионите.