24фудбал

Ѓорѓиоски: Суперкупот е голем импулс за развојот на фудбалот во Македонија

Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски смета дека организацијата на Суперкупот на Европа ќе биде голем импулс за развојот на фудбалот на нашата земја и одлична промоција за Македонија пред милионскиот аудиториум ширум светот.

Македонија
УЕФА денеска и официјално потврди дека Скопје ќе биде домаќин на европскиот Суперкуп во 2017 година. Победниците на Лигата на шампионите и Лига Европа за сезоната 2016/2017 ќе се пресметаат на „Филип Втори" Арената, тоа ќе биде најголемиот фудбалски настан организиран во Македонија.
 
Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски е свесен што значи организацијата на Суперкупот за нашата држава, но и каква одговорност носи таа.
 
„Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност" - вели претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
 
„Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан, изјави Илчо Ѓорѓиоски, Претседател на Фудбалската федерација на Македонија".
 
„За нашата кандидатура имавме апсолутен консензус и максимална поддршка од градот Скопје, Владата и државните институции. Во нив успеавме да пронајдеме партнер кој сака да учествува во еден од најголемите настани во самостојна Македонија, настан кој ќе донесе бројни краткорочни и долгорочни користи за нашата земја, за економијата и нашиот фудбал".