24фудбал

Како Милан му се одмазди на Интер за трансферот на Кондогбија

Порто е на добар пат да го украде Жанели Имбула пред носот на Интер, а медиумите од Италија велат дека ова е одмазда на Милан за трансферот на Жофри Кондогбија

Италија

Жофри Кондогбија минатата недела беше на чекор до потпис со Милан, но Интер во последен момент достави подобра понуда и го украде Французинот од својот лут градски ривал.

Медиумите од Италија пренесуваат дека Милан сега му се одмаздува на Интер, иако не директно.

’Нероаѕурите’ изминатиов викенд требаше да го договорат трансферот на Жанели Имбула од Марсеј, но по се изгледа ќе останат со празни раце.

Фудбалерот е на добар пат да се пресели во Порто откако клубот од Португалија во последен момент достави понуда вредна околу 25 милиони евра и му ги помати сметките на Интер.

Медиумите од Франција пренесуваат дека ’Нероаѕурите’ повеќе не се во комбинација за потписот на Жанели Имбула, и играчот во скоро време ќе се пресели на Драгао Стадионот.

Зад понудата на Порто стои бизнисменот Нелио Лукас и инвестицискиот фонд Doyen Sports.

Doyen Sports минатиот месец започна соработка со Милан откако бизнисменот од Тајланд, Би Таечобол купи 48% од акциите на клубот од Сан Сиро.

Во Серија А е забрането дел од сопственоста на фудбалерот да биде во рацете на трета страна, но во Португалија тоа е редовна практика и токму на овој начин ќе биде реализиран трансферот на Жанели Имбула.

Медиумите од Италија велат дека со ваквиот потег на Doyen Sports, Милан му се одмаздува на Интер за случајот со Кондогбија.