24фудбал

Милевски: Играчите ќе го дадат најдоброто од себе против Исланд

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација до 21 година вели дека неговите фудбалери во позитивна атмосфера го очекуваат квалификацискиот натпревар против Исланд.

Македонија
Македонија У21 денеска отпатува во Исланд каде што на 11. јуни ќе го одигра првиот квалификациски натпревар за Европското првенство 2017.
 
„Главните подготовки ги одработивме од 3-ти до 8-ми јуни во Охрид, првата фаза ја реализиравме во Скопје со играчи кои порано завршија со клупските настапи, а нашата цел беше сите да останат во тренажен процес и натпреварувачка форма" - вели селекторот Благоја Милевски.
 
„За жал, поради повреди останавме без двајца влијателни играчи, Даниел Аврамовски и Енис Барди. Претходно, настапот поради повреда го откажаа Дени Илиев и Христијан Денковски, а Давид Бабунски иако имаше желба да се стави на располагање и во подготвителниот период не доби дозвола од неговиот тим поради првенствен натпревар со Барселона Б. Повредите се хендикеп за репрезентацијата, но нема да ни ја сменат концепцијата, нема да ни го наруши системот на игра кој го градевме и успешно спороведувавме на последните натпревари со Романија, Црна Гора и Словенија".
 
„Убеден сум дека играчите кои ќе истрчаат против Исланд ќе го дадат најдоброто од себе. Во подготвителниот период сите се однесуваа максимално професионално, тренираа посветено и со вистински пристап кон репрезентативниот дрес, а тоа ни дава надеж и верба дека ќе бидеме на високо ниво и на натпреварот против Исланд".
 
„Сите играчи сакаат да играат и се борат за своето место во тимот, со нетрпение го чекаат натпреварот. Тоа покажува каков е тимскиот дух во репрезентацијата. Сметам дека сме на вистински пат и се надевам дека нема да го менуваме правецот. Играчите сами го свртеа вниманието на јавноста со добрите игри на последните натпревари и се надевам дека ќе бидат еднакво квалитетни и на оваа важна пресметка".
 
„Исланд е цврста, агресивна, компактна и дисциплинирана репрезентација. Играме против селекција којазаслужува почит, но најважни сме ние. Ако бидеме организирани и се бориме во сите 90-ет минути, сметам дека не може да биде лошо. Ќе се обидеме да бидеме трпеливи, да создаваме прилики и се надевам дека ќе го видиме тоа што во изминатиот период го работевме".