24фудбал

И Тетекс и Работнички го посакуваат трофејот во Купот, но утре само еден ќе се радува

Тренерот на Тетекс, Горазд Михајлов се надева дека на Тетово повторно ќе му го донесат трофејот од Купот на Македонија, но и предводникот на Работнички, Игор Ангеловски вели дека неговиот тим ќе даде се од себе за да ја одбрани титулата.

Македонија
Утре со почеток од 20.00 часот на Националната арена Филип Втори, Работнички и Тетекс ќе се борат за трофејот во Купот на Македонија.
 
Работнички е фаворит и бранител на трофејот, но Тетекс се надева дека ќе се повтори натпреварот од пред пет години кога токму овие две екипи играа во финалето а Тетовчани го кренаа трофејот.
 
„Работнички е фаворит, односот на табелата покажува дека играме против најкомпактниот тим во Македонија. Тоа за нас е дополнителен мотив, ќе го дадеме максимумот да го повториме успехот од пред две години. Верувам дека натпреварот ќе биде интересен и динамичен. Ние ќе играме за нашата гордост, за градот Тетово и навивачите. Утрешниот натпревар е голем предизвик за нас и ќе се обидеме да се надигруваме. Нека победи подобриот" - истакна на прес конференцијата Горазд Михајлов, тренерот на Тетекс.
 
Но, Работнички си има свои сметки и се надева дека трофејот од Купот ќе остане во нивните витрини.
 
„Големо е задоволството што повторно сме дел од финалето на Купот на Македонија.  Ќе дадеме се од себе да го одбраниме трофејот освоен лани. Иако веќе е второлигаш, Тетекс заслужува респект. Во последниот преоден рок донесоа нови фудбалери, а пристигна и Горазд како тренер. Не чувствуваме притисок, во фудбалот има победи и порази, ако победиме значи сме завршиле одлична работа, ако триумфира Тетекс ќе им честитаме" -изјави тренерот на Работнички, Игор Ангеловски.