24фудбал

Анчелоти: Среќата не беше на наша страна

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти не им замерува ништо на своите избраници, вели дека се бореле храбро но среќата не била на нивната страна

Лига на Шампиони

Бранителот на трофејот во Лигата на Шампионите, Реал Мадрид вчера го заврши настапот во најелитното европско натпреварување откако на домашен терен одигра само 1-1 во реваншот со Јувентус.

’Кралевите’ добро го започнаа натпреварот, поведоа со 1-0 од белата точка на средината од првото полувреме, и стигнаа до резултатот кој ги носеше во Берлин.

Потоа имаа уште неколку прилики за гол, не успеаа да ги реализираат и беа казнети во 57. минута, кога нивниот поранешен играч, Мората го изедначи резултатот.

„Тимот се бореше храбро” – рече Карло Анчелоти по крајот на натпреварот. „Работевме напорно и игравме добро”.

„Не можам да им замерам на моите играчи. Одлучувачки беа ситни детали. Среќата не беше на нашата страна”.

„Минатата сезона триумфиравме во Лигата на Шампионите откако постигнавме гол во завршните минути. Луѓето велеа дека сме имале среќа. Па доколку оваа теза ја примениме сега, вечерва немавме среќа”.

„Ако жалиме за нешто, тоа е слабата игра на првиот натпревар. Но морам да ги пофалам моите играчи, го дадоа максимумот”.

„Јувентус е силен, има извонредна сезона во Серија А и во Лигата на Шампионите. Одлично се покажа во полу-финалето и сега ќе игра во Берлин”.

Запрашан кој е фаворит во финалето, тренерот на Реал Мадрид одговори: „Сега фаворит е Барселона, но во Берлин се може да се случи”.