24фудбал

Румениге: Гвардиола нема да замине за клуб како Манчестер Сити

Карл Хајнц Румениге вели дека ’Баварците’ ќе се обидат да го обноват договорот на Пеп Гвардиола и мисли дека Шпанецот нема да замине од Минхен за преселба во клуб како Манчестер Сити

Германија

Пеп Гвардиола е обврзан кон Баерн Минхен до 2016, преговорите за продолжување на соработката се во мирување, па често кружат гласини за заминување на стратегот од Алианц Арена.

Името на Шпанецот често се поврзува со Манчестер Сити, каде директор е Чики Бегиристан, кој претходно работеше со Пеп Гвардиола во Барселона.

Во разговор со Bild, Карл Хајнц Румениге вели дека ваквите шпекулации не го загрижуваат и додава дека тие ќе се обидат да го обноват договорот на Пеп Гвардиола.

Претседателот на ’Баварците’ исто така мисли дека Шпанецот нема да замине од Минхен за преселба во клуб како Манчестер Сити.

„Шпекулациите  не ме загрижуваат” – вели Румениге. „Тоа е само доказ за неговите квалитети”.

„Но не можам да замислам дека Пеп ќе не напушти за клуб како Манчестер Сити. Сигурен сум дека ќе биде на клупата на Баерн барем до 30. јуни 2016”.

„Горди сме што Пеп е нашиот тренер. Тој е најдобриот и најбараниот тренер во светот. Ги задоволи сите наши очекувања”.

„Имаме план. Ќе ја привршиме сезоната и потоа во втората половина на 2015 ќе разговараме”.

„Нашата цел е да го обновиме неговиот договор. И мислам дека имаме добри шанси за Пеп да остане наш тренер и по 2016”.