24фудбал

Француска ноќ во Лондон, Мурињо доби жешка шлаканица од ПСЖ

Едните „светци”, другите „сини”, едните храбри, другите самоуверени, а судијата загубен во простор и време. Вака одприлика изгледаше глобалната слика од дуелот помеѓу Челзи и ПСЖ.

Лига на Шампиони
Многу малку веруваа дека токму ПСЖ ќе излезе како победник од француско-англискиот дуел. Дуел кој уште пред неговиот почеток се истакнуваше како битка на два тима, две фудбалски филозофии, со исти зацртани приоритети од нивните сопственици. Дека битката во градот на светлината беше само увертира на лондонското „лудило”, се покажа уште по изјавите на менаџерите по завршувањето на првиот меч. Токму од салата за пресконференции во Париз започна “второто полувреме” на двата великани. 
 
Додека Мурињо ги критикуваше фудбалерите на ПСЖ дека се премногу агресивни, а со тоа докажувајќи ја уште еднаш неговата определба и фудбалска филозофија, превземена од сер Алекс Фергусон, во која важи девизата дека  изјавите од пресконференцијата по мечевите треба да се во насока на наредниот дуел и притоа обидувајќи се целото внимание на медиумите да го насочи кон себе, оставајќи им простор повеќе на своите пулени. Меѓутоа, овојпат Мурињо беше прочитан уште од соблекувални.
 
Лорен Блан, од друга страна, е можеби најдоброто олицетворение на просечен французин. Смирен, по малку тивок и мудар. Ако тимот треба да биде слика на тренерот, како случајот на Мурињо и Челзи, тогаш во ПСЖ карактеристика е токму нивниот контраст. Бразилците во тимот ја носат популарната агилност, агресивност и лидерство, Верати со своите италијански манири ја преслика елегантноста, прецизноста и дрскоста, а недостигаше ефективност и ладнокрвноста на Ибрахимовиќ. 
 
Ако правиме анализа на успехот на ПСЖ, можеби најголемиот дел од гледачите ќе ги издвојат стрелците на головите како клучни елементи, меѓутоа не треба да се заборави огромниот придонес на голманот Сиригу и парнерството Пасторе-Верати. Сиригу го одбрани можеби шутот на натпреварот, во ситуација кога Рамирез шутираше од неколку метри, а двоецот во средниот ред покриваше на сите страни на теренот, правејќи го исклучувањето на Ибрахимовиќ небитен елемент. 
 
Од друга страна гордоста на Челзи тандемот Фабрегас-Коста беше тотално исклучен и на теренот изгледаа бледо и немоќно. Се наметна впечатокот дека доколку не играше Азар, Челзи ќе беше и помалку од просечна екипа. Вистинска „штета” беа залагањата на Азпиликуета кој немаше друг расположен соиграч. Ако се се собере и одземе, најголем виновник за испаѓањето на Челзи е самиот Мурињо. Ставањето во игра од самиот почеток  на недоволно заздравениот Матич, инсистирањето со Коста во форот и одлуката за чување на резултат со внесување на петти дефанзивец при крајот на мечот, се покажаа како клучни, во овој случај погубни, одлуки.
 
Секоја чест за истрајноста на играчите на ПСЖ и нивниот капитен, кој демонстрираше вистинска слика и начин на кој се бранат боите на клубот и одговорноста со која се носи капитенската лента. Можеби овој триумф беше од клучно значење за и во продолжение Лорен Блан да фигурира на платниот список на ПСЖ, а можеби и е еден вид олеснува за Мурињо, кој е под огромен притисок за овојување на премиер лигата. 
 
Најдоброто европско натпреварување остана без тим од колевката на фудбалот и предвесник на најновите фудбалски елементи,  но доби еден респектабилен тим, гладен за европски успех кој можеби треба да го навести враќањето на францускиот фудбал на голема сцена. Самиот фудбал доби на неизвеснот и возбудливост а со тоа ги придоби вистинските љубители на фудбалот. Од друга страна тимот за делегирање на судии при УЕФА доби подобра слика околу Кујперс, а изгуби голем број на приврзаници, кои се почесто бараат судии-компјутери.
 
Дејан Јанчевски