Тотенхем и Селтик елиминирани од Лига Европа
Со вечерашните натпревари од групите А, Б, Ц, Г, Х и И, заврши групната фаза од Лига Европа.
Последниот воз за нок-аут фазата од најмасовното фудбалско натпреварување го фатија екипите на Рубин Казан, Удинезе, АЗ Алкмар и Клуб Бриж.
Во Групата А, Тотенхем беше многу блиску до остварувањето на речиси невозможната мисија за пласман во следната фаза.
’Спарси’ имаа солидна предност на гостувањето кај Шамрок, а Рубин Казан со фудбалер помалку губеше на гостувањето кај ПАОК.
Но во 48. минута од средбата во Грција, Нелсон Валдез се запиша во листата на стрелци, и на Рубин Казан му донесе бод и пласман во нок-аут фазата, а победата на Тотенхем од 4-0 на гостувањето во Ирска се покажа како пирова.
Во Групата Б, од претходно се беше познато. Лидерот Стандард со 1-0 славеше на гостувањето кај Копенхаген, а второпласираниот Хановер со 3-1 пред своите фанови триумфираше над Ворскла.
Ситуацијата беше иста и во Групата Ц, каде што веќе беа познати патниците во следната фаза. Во последното коло, ПСВ со победа од 2-1 над Рапид Букурешт го потврди првото место, а Легија остана на втората позиција, и покрај тоа што загуби на гостувањето кај Хапоел Тел Авив со 2-0.
Австрија Виена со 2-0 славеше над Малме, но клубот од Австрија ќе мора да се помири само со третата позиција во Групата Г. АЗ Алкмар освои бод во дуелот со Металис, па тимот од Холандија поради подобрата гол разлика ја зачува втората позиција, а Металист остана на врвот.
Клуб Бриж и Брага одиграа 1-1, резултат кој на двете екипи од Групата Х им донесе пласман во следната рунда. Бирмингем со 1-0 славеше над Марибор но тоа не беше доволно за второлигашот од Англија да ги продолжи настапите во Лига Европа.
Атлетико Мадрид со победата од 3-1 над Рен го потврди првото место во Групата И. Селтик поведе на гостувањето во Удинезе но пред крајот на првото полу-време, Антонио Ди Натале го изедначи резултатот и на Удинезе му го донесе бодот кој беше потребен за да се зачува втората позција, и да се обезбеди билет за нок-аут фазата од Лига Европа.
Ждрепката за 1/16 – финалето ќе се одржи во петок во Нион, а на 24. екипи што обезбедија пласман од групната фаза во Лига Европа, ќе им се придружат уште 8 екипи од Лигата на Шампионите.
