24фудбал

Шукер: Се надевам дека регионалното натпреварување ќе стане реалност

Претседателот на ХНС, Давор Шукер кој денеска е во посета на ФФМ, изрази поддршка за идејата за регионално клупско натпреварување која ја предложи нашата федерација.

Македонија
Претседателот на хрватскиот фудбалски сојуз, Давор Шукер е на посета во Фудбалската федерација на Македонија за да бара поддршка за влез во Извршниот комитет на УЕФА во пресрет на Конгресот кој треба да се оддржи пред крајот на овој месец.
 
Шукер ја пофали идејата на ФФМ за регионално фудбалско натпреварување и изрази надеж дека таа ќе се реализира во блиска иднина.
 
"-Вие сте наши големи пријатели , Илчо е мој пријател и соработник, како поранешни активни фудбалери наша заедничка потреба е меѓусебно да бидеме од помош за проектите и активностите кои го унапредуваат фудбалот на овие простори.  Јас се надевам дека ќа ја добијам поддршката од вашата куќа во гласањето за Извршниот комитет на УЕФА и на тој начин ќе имам можност да помогнам на условно, помалите федерации. Вие претставивте одличен предлог за регионално клубско натпреварување кое во блиска иднина може да стане реалност и да биде на одреден начин двигател на фудбалот на овие простори" - изјави Давор Шукер.
 
Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓоѓиоски изрази задоволство поради средбата со Шукер и неговиот став околу регионалното натпреварување.
 
„Давор Шукер е наш драг пријател и задоволство е што денеска е гостин во „Куќата на фудбалот“.  Ние сме во заедничка комисија во УЕФА и разговараме околу предлозите, активностите и идеите кои можат да придонесат за развој на фудбалот, посебно на овие простори. Соработката меѓу двете федерации е на високо ниво, се трудиме таа соработка да ја продлабочиме и мораме да го користиме искуството на останатите федерации, посебно во поглед на развојот на квалитетна база за млади фудбалери, а во тој поглед Хрватската федерација прави одлична работа. За нас е многу значајно што првите луѓе на ХНС ја поздравуваат и позитивно се изјаснуваат  по предлогот доставен до УЕФА за клупско регионално натпреварување од причина што сите во регионот се соочуваат со истите проблеми - намален број на гледачи на стадионите, недоволен интерес за домашните првенства, мал број на меѓународни натпревари.Се надевам дека заедничката соработка ќе ни донесе многу позитивни резултати, ние секогаш ќе ги поддржуваме луѓето за кои фудбалот е на прво место“ - изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.