Лацио, Бешикташ, Салцбург, Стеауа и Висла Краков до билет за нок-аут фазата од Лига Европа
’Бјанкочелестите’ со 2-0 пред своите фанови го совладаа лидерот во Групата Д, Спортинг Лисабон, и си обезбедија билет за нок-аут фазата. Стрелци на погодоците за Лацио беа Козак во 42. минута и Скули во 55. минута.
Со истиот резултат заврши и средбата помеѓу Цирих и Васлуи. Домакините иако немаа за што да се борат, стигнаа до победата благодарејќи на погодоците на Маргаираз и Буф во второто полувреме.
Во Групата Е, Бешикташ со победата над Стоук од 3-1 го обезбеди првото место, а клубот од Англија ќе мора да се задоволи со втората позиција.
Фулер во 29. минуга ги донесе гостите во водство, но во вториот дел со погодоците на Фернандез, Пектемек и Еду, Бешикташ направи комплетен пресврт.
Динамо Киев на нашиот Горан Попов се прости од Лига Европа со реми од 3-3 против Макаби Тел Авив.
Со автоголот на Јеини во 12. минута, Динамо поведе со 1-0, а во 17. минута со погодокот на Гусев домакините имаа и предност од 2-0.
Во второто полувреме, тимот од Украина доби два црвени картони, а гостите преку Веред, Атар и Дабур направија комплетен пресверт.
Но Гусев со погодокот во 80. минута се погрижи Динамо Киев да избегне пораз.
Во Групата Ф, ПСЖ славеше со 4-2 во дуелот со лидерот Атлетик Билбао, но тоа не беше доволно за тимот од Париз да ги продолжи настапите во Лига Европа, откако Салцбург со 3-2 славеше на гостувањето кај Слован Братислава.
Шалке го потврди првото место во Групата Ј, со победата од 3-0 на гостувањето кај Макаби Хаифа и го елиминираше клубот од Израел од Лига Европа.
Гостите од Германија дојдоа во водство во 7. минута со автоголот на Булјат, а во финишот на средбата беше решен победникот кога во листата на стрелци се запиша Марика и Вигел.
Победата на Шалке, овозможи Стеауа со триумф од 3-1 над АЕК Ларнака да обезбеди пласман во 1/16 – финалето од Лига Европа.
Русеску со удар од белата точка обезбеди водство за Стеауа, но неколку минути подоцна гостите го изедначија резултатот преку Пинтадо.
Сепак, до крајот на средбата во два наврати во листата на стрелци се запиша Николиќ, за освојување на трите бода со кои тимот од Романија дојде до билет за нок-аут фазата.
Во Групата К, Фулам не успеа да ја зачува втората позиција, откако тимот од Англија киксна пред своите фанови и одигра само 2-2 во дуелот со Одензе.
На Кревин Котиџ, со погодоците на Демпси и Фреи, Фулам на полувреме замина со предност од 2-0. Но гостите од Данска најпрво го намалија резултатот во 64. минута со погодокот на Андреасен, а потоа во 93. минута преку Фал ги шокира домакините и ги елиминираа од Лига Европа.
Ваквиот кикс на Фулам, го искористи Висла Краков, и тимот од Полска со победата од 2-1 над Твенте го продолжува настапот во најмасовното Европско натпреварување.
Во Групата Л, каде што од претходно беше се познато, Андерлехт само го завери првото место со победата од 5-3 во дуелот со Локомотив Москва, а АЕК Атина со 3-1 славеше на гостувањето кај Штурм.
