24фудбал

Баерн се откажува од Ројс

Според пишувањата на германскиот весник Bild, Баерн Минхен се повлекува од трката за потписот на Марко Ројс од Борусија Дортмунд

Германија

По крајот на сезоната во договорот на Марко Ројс ќе се активира откупна клаузула вредна само 25 милиони евра, па за очекување е играчот да заимине од Сигнал Идуна Парк во летниот преоден рок.

Баерн Минхен се споменуваше како една од можните дестинации на репрезентативецот на ’Панцирите’, но според последните извештаи, ’Баварците’ се повлекуваат од трката за потписот на офанзивниот фудбалер.

Денешното издание на Bild вели дека лидерите на Баерн се решиле на ваков чекор поради неколку причини.

Весникот пренесува дека Пеп Гвардиола бил против ангажман на играчот со оглед на тоа дека веќе има доста офанзивни фудбалери на располагање како Роберт Левандовски, Марио Геце, Арјен Робен, Франк Рибери и Томас Милер.

Стратегот стравува дека со пристигнување на Марко Ројс на Алианц Арена ќе има потешкотии при менаџирањето на тимот и сака да го избегне тоа по секоја цена.

Исто така управата на Баерн не сака дополнително да го влоши односот со Борусија Дортмунд, откако во изминатите две години ги купија Марио Геце и Роберт Левандовски.

Честите повреди на Марко Ројс оваа сезона се уште една причина поради која ’Баварците’ се откажуваат.

Со ваквиот потег на Баерн Минхен, Реал Мадрид се посочува како главен фаворит за потписот на 25 годишниот Германец.