24фудбал

Агуеро е спасителот на Манчестер Сити, драматична победа над Баерн Минхен

Со пресврт во самиот финиш, Манчестер Сити го победи Баерн Минхен, три бода со кои остана во игра за осминафинале, Челзи го прегази Шалке во Гелзенкирхен и го завери првото место на табелата.

Лига на Шампиони
Вистинска драма се случуваше во Манчестер, заврши со среќен крај за Сити и победа од 3-2 над силниот Баерн Минхен.
 
Натпреварот започна одлично за домаќините, Бенатиа направи прекршок за пенал, Агуеро биеше прецизно за водство од 1-0. Но и покрај играчката надмоќ, Баерн Минхен со голови на Алонсо и Левандовски замина со предност од 2-1 на полувремето.
 
Сепак Сити го има фантастичниот Серхио Агуеро кој беше спасителот за нив оваа вечер, неговите погодоци во 85. и 91. минута донесоа голема победа за тимот од Англија кој во последното коло со Рома ќе решава за вторниот патник од групата во осминафиналето.
 
Колку што Манчестер Сити имаше среќа, толку Рома ја немаше, Граѓаните со голови во финишот дојдоа до победа, а Римската Волчица не издржа уште неколку секунди за да слави кај ЦСКА, натпреварот заврши 1-1.
 
Челзи го торпедираше Шалке на негов терен со убедливи 5-0 и го завери првото место на табелата. Жозе Мурињо ја доби битката со поранешниот тренер на Челзи, Роберто Ди Матео. Тери, Вилијан, Дрогба и Рамирес ја тресеа мрежата на Шалке, а еднаш и самите си постигнаа гол, кога Киркоф со глава го изненади својот голман.
 
Нова магија на Меси, за нова победа на Барселона, овој пат со 4-0 на гостувањето кај АПОЕЛ. Аргентинецот постигна хет-трик, првиот гол значеше и рушење на рекорд, стана најдобар стрелец во Лигата на шампионите, а со останатите два само ја зголеми бројката на погодоци која треба да ја достигнат конкурентите. Резултатот во Никозија го отвори Луис Суарез со својот прв гол за Барса.
 
ПСЖ немаше проблеми со Ајакс, го совлада со 3-1, додека Атлетик Билбао ја забележа првата победа во Лигата на шампионите оваа сезона совладувајќи го Шахтјор на негов терен со минимални 1-0.