24фудбал

ФИФА: Катар не ја купил организацијата на СП 2022

Светската куќа на фудбалот денеска го ослободи Катар од обвиненијата за корупција при изборот на домаќин за мундијалот во 2022

Останато

ФИФА во 2010 одлучи кои ќе бидат домаќини на мундијалите во 2018 и 2022, а уште пред да биде донесена конечната одлуката во декември, се појавија обвинување за корупција при гласањето.

Обвинувањата станаа погласни откако на големо изненадување Катар беше избран за домаќин на СП 2022.

Оваа земја има мала фудбалска историја, а покрај тоа, температурите во летниот период во Катар можат да достигнат и до 50 степени.

Со цел да се разрешат сите дилеми, Истражната Комора при Етичкиот Комитет на ФИФА во 2012 започна истрага која ја водеа претседателот на Комората, Мајкл Џ. Гарсија и неговиот заменик Корнел Борбели.

Во септември оваа година Гарсија и Борбели го доставија својот извештај од преку 430 страни до Арбитражната Комора, која денеска донесе одлука.

Германскиот судија, Ханс Јоаким Екерт утрово објави скратен извештај од 42 страни, со кој го ослободува Катар од обвинувања за корупција при изборот на домаќин за СП 2022.

Во извештајот се вели дека Катарецот, Мохамед Бин Хаман, кој е поранешен член на извршниот комитет на ФИФА, и кој доби доживотна забрана од светската куќа на фудбалот, бил дистанциран од кандидатурата на сопствената земја.

Парите што тој им ги исплатил на официјални лица од Африка и на тогашниот потпретседател на ФИФА, Џек Вернер не биле мито за купување на организацијата на мундијалот во 2022, туку за неговиот обид да му се спротивстави на Сеп Блатер за претседателската фотеља на ФИФА.

Извештајот исто така вели дека Русија, која ќе биде домаќин на СП 2018, не направила ништо нерегуларно.

ФИФА сепак има замерки за однесувањето на Англија и Австралија, кои исто така беа кандидати за мундијалите во 2018 и 2022.

Мајкл Џ. Гарсија сепак не е задоволен од извештајот на Арбитражната Комора, верува дека скратениот извештај во целост не ја доловува суштината на истрагата што ја спровел неговиот извештај, па ќе поднесе жалба и ќе бара да бидат објавени сите документи што тој ги доставил.