24фудбал

Габи признал дека дуелот Леванте-Сарагоса бил наместен?

Медиумите од Шпанија пренесуваат дека капитенот на Атлетико Мадрид, Габи пред обвинителството денеска признал дека натпреварот помеѓу Леванте и Сарагоса од 2011 бил наместен

Шпанија

Утрово во Мадрид, пред специјалниот обвинител за корупција и организиран криминал се појавија неколку сведоци во истрагата за местенка на натпреварот помеѓу Леванте и Сарагоса што се одигра во мај 2011.

Еден од сведоците е сегашниот капитен на Атлетико Мадрид, Габи кој беше јунакот на Сарагоса на тој натпревар и со двата погодоци му донесе три бода на својот тим и опстанок во Примера.

Според медиумите од Шпанија, Габи на обвинителот му признал дека натпреварот бил наместен и изјавил: „Го направив она што клубот го побара од мене”.

Габи исто така на обвинителот му кажал дека тој немал никаква финансиска корист од овој наместен натпревар бидејќи веќе го имал договорено својот трансфер во Атлетико Мадрид.

Како доказ во целиот случај обвинителството ги посочува движењата на парите на сметките на играчите на Сарагоса.

Се говори дека тие примиле околу 120 000 евра во бонуси од сопственикот на Сарагоса, Агапито Иглесиас, но подоцна овие пари биле повлечени од нивните сметките за да се исплатат одредени фудбалери на Леванте, кои требале да пуштат Сарагоса да победи.

Извештаите велат дека Габи пред обвинителот изјавил дека добил бонус од околу 85 000 евра но потоа морал да ги врати парите, но инсистирал дека не знаел зошто било тоа ниту пак каде завршиле парите.