24фудбал

Арда Туран му пресуди на Јуве, Галатасарај со полна мрежа се враќа од Лондон

Со гол на Арда Туран, Атлетико Мадрид со 1-0 го доби дербито против Јувентус, Арсенал со убедливи 4-1 славеше над Галатасарај, гостинска победа за Реал Мадрид кај Лудогорец.

Лига на Шампиони
Дербито на денот се играше на Висенте Калдерон каде што Атлетико Мадрид го пречека италијанскиот шампион Јувентус.
 
Еден момент го одлучи натпреварот, на 15 минути до крајот по асистенција од Хуанфран, Арда Туран ја смести топката зад грбот на Буфон за победа на Атлетико Мадрид од 1-0.
 
Арсенал лесно, убедливо го победи Галатасарај со 4-1, Горан Пандев одигра 68 минути и имаше своја заслуга за почесниот гол на турскиот тим.
 
Велбек со хет-трик беше играч на натпреварот, еден гол за Топџиите беше дело на Алексис Санчез.
 
Горан Пандев го проигра Јилмаз во 62. минута кој беше срушен од Счесни, голманот на Арсенал доби црвен картон. Јилмаз беше прецизен од белата точка и го постигна почесниот гол.
 
Реал Мадрид со пресврт славеше на гостувањето кај Лудогорец со 2-1.
 
Марсељино уште во 6. минута донесе радост во Софија, пет минути подоцна Кристијано Роналдо имаше шанса од пенал да изедначи, но не реализираше.
 
Сепак во 25. минута Реал Мадрид доби уште еден пенал, овој пат Роналдо беше прецизен и го изедначи резултатот, на десетина минути пред крајот Бензема погоди за три бода на Кралевите.
 
Ливерпул со 1-0 загуби на гостувањето кај Базел, Штрелер беше стрелец на победничкиот гол.
 
Борусија Дортмунд со убедливи 3-0 го победи Андерлехт на негов терен, Имобиле еднаш, Рамос два пати се запиша во листата на стрелците.
 
Малме со 2-0 го совлада Олимпијакос, Леверкузен со 3-1 беше подобар од Бенфика, Зенит и Монако одиграа нерешено.