24фудбал

Тоти стана највозрасниот стрелец во Лигата на Шампионите

Капитенот на Рома, Франческо Тоти стана највозрасниот играч кој успеал да постигне гол во Лигата на Шампионите откако вчера ја затресе мрежата на Манчестер Сити

Лига на Шампиони

Напаѓачот, кој во саботата го прослави 38. роденден, на гостувањто на Етихат Стадионот го совлада Џо Харт во 23. минута и го надмина рекордот на Рајан Гигс.

Поранешниот фудбалер од средниот ред на Манчестер Јунајтед имаше 37 години и 290 дена кога постигна гол против Бенфика на натпревар одигран во сезоната 2011/12.

Франческо Тоти, за кого ова беше прв гол на англиско тол, вели дека е среќен за рекордот што го поставил, но додава дека за него поважни се успесите на Рома.

„Тоа е историски и важен гол, но повеќе за тимот отколку за мене” – рече ’Принцот на Рим’ по крајот на натпреварот.

„Задоволен сум од перформансите што ги прикажавме. Дојдовме тука да играме отворено, и мислам дека ова беше една од најдобрите партии на Рома во Европа”.

„Горд сум што станав највозрасниот стрелец во историјата на Лигата на Шампионите, но се надевам дека ќе продолжам и нема да застанам тука. Кажав и претходно, имам 38 години но не се чувствувам така”.

„Освоивме важен бод, иако можеби можевме дури и да победиме. Имавме пет или шест шанси за гол кој ќе ни донесеше предност”.

Во разговор со Sky Sport Italia тој додаде: „Уште на стартот бевме во негатива но успеавме да се вратиме, и тоа не беше лесно, игравме против еден од најсилните тимови во Европа”.

„Покажавме дека вредиме и што можеме да сториме во Лигата на Шампоните”.

„Нашата цел е да одиграме најдобро што умееме, да се обидеме да ја поминеме групата, а знаеме дека тоа не е лесно кога сте во група со Баерн и Манчестер Сити, кои се на наше ниво а можеби и подобри од нас”.

„Со ваква игра, можеме да се пласираме во нок-аут фазата”.