24фудбал

Барса поразена во Париз, Сити и Рома ремизираа

ПСЖ и без Златан Ибрахимовиќ ја победи Барселона, Тоти погоди за бод на Рома од гостувањето кај Манчестер Сити, Челзи славеше на гостувањето кај Спортинг.

Лига на Шампиони
ПСЖ и Барса одиграа одличен натпревар со пет погодоци кој го добија домаќините со 3-2 и покрај тоа што настапија без својот главен играч Златан Ибрахимовиќ.
 
Давид Луиз во 10. минута го донесе првото водство за ПСЖ, но само две минути подоцна Меси изедначи постигнувајќи го јубилејниот 500. гол на Барселона во Лигата на Шампионите.
 
Не помина долго, Верати го врати водството на ПСЖ, а по десет минути игра во вториот дел Матуиди зголеми на 3-1, до крајот на натпреварот Барса преку Нејмар успеа само да намали на 3-2.
 
Рома со голем бод се враќа од Манчестер, Сити не успеа да дојде до целиот плен, одигра само 1-1 против Римската Волчица.
 
По четири минути игра Агуеро донесе водство на Манчестер Сити, но капитенот Тоти во 23. изедначи на 1-1 и стана најстариот фудбалер кој погодил во Лигата на Шампионите.
 
Немања Матиќ беше стрелец на единствениот гол на натпреварот помеѓу Спортинг и Челзи, успевајќи да го реши својот градски ривал од времето кога настапуваше за Бенфика.
 
Агим Ибраими ги одигра сите 90 минути за Марибор кој дојде до бод на гостувањето кај Шалке играјќи 1-1.
 
Баерн со гол на Милер од пенал ја совлада ЦСКА Москва, Шахтјор и Порто одиграа 2-2, БАТЕ Борисов го победи Атлетик Билбао со 2-1, АПОЕЛ и Ајакс ги поделија бодовите играјќи 1-1.