24фудбал

Енрике: ПСЖ може да ја освои Лигата на Шампионите

Во пресрет на гостувањето на Паркот на Принцовите, тренерот на Барселона, Луис Енрике вели дека ’Светците’ се кандидат за триумф во најелитното европско натпреварување

Лига на Шампиони

За вечерашната средба, ПСЖ нема да може да смета на својата најголема ѕвезда Златан Ибрахимовиќ, но Луис Енрике ги предупредува своите играчи дека шампионот на Франција располага со голем квалитет.

„Тоа што Ибра е отсутен не влијае врз нашата формација и начинот на кој ќе одиграме” – рече Луис Енрике на прес конференцијата.

„Секако, неговата повреда е огромна загуба за ПСЖ. Секој клуб би имал проблеми доколку не може да смета на играч од калибарот на Ибра”.

„Но и без Ибра, ПСЖ е застрашувачки и опасен противник, на располагање имаат други ресурси во составот. Тие се еден од кандидатите за триумф во Лигата на Шампионите”.

На својата прес конференција, Лоран Блан истакна дека ПСЖ ќе одигра офанзивно против Барселона.

„Ќе видиме дали ПСЖ навистина ќе има офанзивен пристап или не” – додава Енрике.

„Ние тренерите со голема доза на резерва ги земаме коментарите на нашите колеги од противничката екипа”.

„Без разлика како тие ќе одиграат, дали ќе не притиснат или пак ќе се бранат, ние треба соодветно да одговориме”.

Запрашан за мотивацијата на играчите, тој одговори: „Ваквите натпревари се лесни, не треба премногу да ги мотивирате, мотивацијата веќе е на високо ниво”.

„Она што не интересира е да бидеме супериорни над нашиот противник, да покажеме дека сме подобриот тим”.

„Против ПСЖ мораме да одиграме најдобро што умееме доколку ги сакаме трите бода”.