24фудбал

Ѓуровски: Да играш за репрезентацијата е нешто посебно

Селекторот на македонската репрезентација, Бошко Ѓуровски вели дека играњето за репрезентацијата е нешто свето и не ги разбира младите кои се откажуваат од настап за државата.

Македонија
На денешната прес конференција по повод престојните квалификациски натпревари против Луксембург и Украина, селекторот на Македонија, Бошко Ѓуровски вели дека нема намера никого да моли за настап во селекцијата.
 
„Како играч и сега како селектор, за мене повикот во репрезентацијата беше нешто специјално во кариерата" - вели Ѓуровски.
 
„Не можам да ги разберам младите кои лесно се откажуваат од националната селекција. Да играш за државата е нешто посебно, нешто емотивно".
 
„Играчите кои јавно се откажаа, сметам дека тие треба да го направат првиот чекор, јас никого нема да молам да игра за репрезентацијата. Доколку одлучат да се вратат, ќе сметам на нив".
 
„Давид Бабунски не е повикан бидејќи не играше за Барселона Б во првенството, имаше настапи само на пријателски натпревари, селекторот на младата репрезентација контактира со него и во моментов може да биде повикан само за таа селекција".
 
„Против Луксембург планираме да играме поофанзивно, па затоа нема да сметам на услугите на дефанзивните Алиоски и Тодоровски. Тричковски откажа, нема да игра за Македонија додека настапува таму, сака да се посвети на клубот кој има натпревари кои се поклопуваат со квалификациските. Ферхан Хасани е повреден, можеби ќе оди на операција, а во составот не е повикан ни Даниел Ѓорѓиевски кој потпиша за Мелбурн и беше отсутен неколку месеци".
 
„Денес во фудбалот нема слаби репрезентации, нашиот целосен фокус е на Луксембург кој има напредок во играта, и нема да ни биде лесно со нив. Мораме да одиграме на највисоко ниво за да ги освоиме трите бода. Да заврши тој меч, па потоа ќе размислуваме на Украина".