24фудбал

’Црвените Ѓаволи’ имале кризен состанок

Робин ван Перси открива дека Луј ван Гал во понеделникот одржал едночасовна анализа за шокантниот пораз на Манчестер Јунајтед на гостувањето кај Лестер

Англија

’Црвените Ѓаволи’ на Кинг Пауер Стадионот имаа водство од 1-3, но на крајот загубија со 5-3, и за прв пат во клупската историја доживеаа пораз на натпревар од Премиер лигата кога имале два гола предност.

Во понеделникот Манчестер Јунајтед имал кризен состанок на кој Луј ван Гал и составот направиле анализа за грешките на дуелот со Лестер.

„Би требало да не доживуваме такви порази, но сепак тоа се случи” – вели Ван Перси. „Мораме да се справиме со тоа”.

„Во понеделникот добро го проанализиравме натпреварот. Состанокот на моменти беше конфротирачки. Траеше долго, можеби еден час”.

„Продолживме од таму, започнавме одново оваа недела и одработивме неколку навистина добри тренинг сесии. Сите се спремни за дуелот со Вест Хем”.

Натпреварот со Лестер уште еднаш покажа дека одбраната е најслабиот дел на Манчестер Јунајтед, но Ван Перси вели дека прстот не треба да се вперува само во одбрамбените играчи.

„Кога ќе ги погледнете грешките во дефанзивата, тие започнале на некое друго место. Токму тоа добро го проанализиравме”.

„Не се работи само за една грешка, имало уште една грешка пред таа грешка, и уште една пред таа”.

„Сите знаат кој дел од играта треба да го подобриме”.