24фудбал

Луис Енрике: Треба да играме подобро

Тренерот на Барселона, Луис Енрике признава дека неговиот тим не ги исполнил очекувањата во воведниот натпревар од Групата Ф во Лигата на Шампионите против АПОЕЛ

Лига на Шампиони

’Каталонците’ имаа неколку прилики за погодок, но искористија само една кога по еден прекин во 28 минута Жерард Пике со глава ја затресе мрежата на гостите.

По крајот на натпреварот, Луис Енрике истакна дека е задоволен од победата и трите освоени бода, но признава дека тие не одиграле на потребното ниво.

„Не успевавме да донесеме правилни одлуки во завршницата од нападите” – вели тренерот на Барселона.

„Имаме одлични, квалитетни играчи но не успевавме да стигнеме до противничката мрежа поради неколку причини”.

„Бевме лоши во завршницата од нападите. Исто така нашите напади не беа доволно течни, не ја движевме топката довоно брзо”.

За дуелот со АПОЕЛ, Луис Енрике направи дури девет промени во составот во споредба со претходниот натпревар против Атлетик Билбао.

„Веројатно нашата игра беше помалку течна поради големиот број на промени, но останувам на ставот дека потребни ни се ротации. Потребен ми е целиот тим, иако сум сигурен дека некогаш ќе погрешам”.

„Не можеме секогаш да победуваме со 3-0 или 4-0, но имам доверба во моите играчи”.

Тој потоа додаде: „АПОЕЛ играше со 10 играчи позади топката. Не е лесно да напаѓате кога противникот игра вака”.

„Постигнавме погодок по нафрлена топка од прекин и тоа ме радува, бидејќи го вежбавме тоа на тренинзите”.

„Нема лесни натпревари, АПОЕЛ одигра сериозно”.

„Ќе им посочиме на играчите каде треба да се подобрат. Не можеме да се задоволиме со ова, мораме да играме подобро”.