24фудбал

Анчелоти не стравува за својата работа

Карло Анчелоти вели дека не е разнишано неговото тренерско столче на Сантијаго Бернабеу, убеден е дека Реал Мадрид наскоро ќе се врати на победнички патеки

Шпанија

’Кралевите’ лошо ја започнаа новата сезона, по неуспехот во дуелот со Атлетико Мадрид во Суперкупот на Шпанија, Реал доживеа два порази во воведните три кола од Примера.

Медиумите шпекулираат за иднината на тренерот Карло Анчелоти, но стратегот не стравува за својата работа.

„Освен лошите резултати, нема други проблеми” – вели Италијанецот во разговор со Corriere dello Sport.

„Не сум загрижен за мојата работа. Притисокот сега е поголем, но наскоро ќе се вратиме на победнички патеки”.

„И минатата сезона слично ја започнавме, но добро знаеме како таа заврши”.

Откако во мај Реал стигна до толку посакуваната ’Ла Десима’, Карло Анчелоти сега цели на нов триумф во Лигата на Шампионите.

„Според статистиката не сме фаворити бидејќи ниту еден тим не ја освоил Лигита на Шампионите две години по ред”.

„Но можеме да го повториме успехот од минатата сезона”.

„’Ла Десима’ беше сон на сите мадридисти ширум светот. 11. титула во Лигата на Шампионите ќе биде сонот над соништата”.

За тоа кои ќе бидат најголемите ривали во Европа, Анчелоти вели: „Очекувам Челзи да има добар настап, тие се тимот што најмногу се засили ова лето”.

„Го ангажираа феноменалниот Диего Коста, а ги донесоа и Сеск Фабрегас, Филипе Луис и Тибо Куртоа”.

„Тука е и Баерн Минхен, кој е силен исто како и минатата сезона”.