24фудбал

Ван Гал: Не се пропушта голгетер како Фалкао

Луј ван Гал вели дека Радамел Фалкао е еден од најдобрите голгетери во светот па ’Црвените Ѓаволи’ морале да ја искористат приликата што им се укажала

Англија

Рано утрово Манчестер Јунајтед го потврди трансферот на Радамел Фалко, кој на Олд Трафорд пристигнува на едногодишна позајмица од Монако.

Изминатите неколку дена кружеа голем број на шпекулации за иднината на репрезентативецот на Колумбија.

Силно се говореше дека тој ќе се пресели во Реал Мадрид, но откако ’Кралевите’ се насочија кон други цели, играчот беше понуден на Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Арсенал.

Според медиумите од ’Островото’, на овие три клуба им било соопштено дека ќе треба да платат 10 милиони фунти за едногодишна позајмица, како и неделна плата на напаѓачот од 346 000 фунти, па ’Граѓаните’ и ’Топџиите’ се повлекле од зделката.

’Црвените Ѓаволи’ сепак не се откажале, и успеале да се изборат за поповолни суми – 6 милиони фунти за едногодишна позајмица и неделна плата од 265 000 фунти, па Радамел Фалкао стана шесттото големо засилување за Манчестер Јунајтед ова лето.

За ангажманот на Колумбиецот, Луј ван Гал рече: „Среќен сум што Радамел ни се придружи на позајмица”.

„Тој е еден од најдобрите голгетери во светот”.

„Соодносот на поминати минути на теренот и постигнати голови е доволен показател на неговата класа”.

„Кога играч од негов калибар е на трансфер пазарот, не смеете да ја пропуштите таа можност”.