24фудбал

Официјално: Чичарито на позајмица во Реал

Реал Мадрид го потврди ангажманот на Хавиер Ернандез, популарниот Чичарито пристигнува на Сантијаго Бернабеу на позајмица од Манчестер Јунајтед

Шпанија

На барање на Карло Анчелоти, ’Кралевите’ беа во потрага на нов напаѓач како замена за Карим Бензема.

Неколку имиња се поврзуваа со Реал Мадрид, а на крајот изборот падна на Хавиер Ернандез од Манчестер Јунајтед.

Откако двата клуба вчера постигнаа договор, играчот утрово пристигна во Мадрид на лекарски прегледи.

Попладнево беа комплетирани сите формалности па пристигна и официјална потврда за зделката.

„Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед постигнаа договор за позајмица на Хавиер Ернандез, кој ќе го носи дресот на ’Кралевите’ оваа сезона” – гласеше известувањето на актуелниот шампион на Европа.

„Реал Мадрид има опција да го направи перманентен трансферот на играчот”.

Популарниот Чичарито ќе биде претставен пред медиумите на прес конференција на Сантијаго Бернабеу во 16:30.

Според медиумите од Шпанија, за едногодишната позајмица на репрезентативецот на Мексико, Реал Мадрид ќе плати 2 милиони евра.