24фудбал

Арсенал помина, Наполи е елиминиран од Лигата на Шампионите

Нема Лига на Шампиони за Наполи, Атлетик Билбао победи со 3-1 и го елиминираше италијанскиот претставник, Арсенал со 1-0 го совлада Бешикташ и избори пласман во групната фаза.

Лига на Шампиони
Удар за амбициите на Наполи, италијанскиот тим предводен од Рафаел Бенитез е елиминиран од Лигата на Шампионите, Италија ќе има само два претставника оваа сезона.
 
По нерешените 1-1 на Сан Паоло, на Наполи му беше потребна победа на гостувањето кај Атлетик Билбао или реми со повеќе голови.
 
Во првиот дел мрежите мируваа, а веднаш на стартот од второто полувреме, Хамшик постигна гол за радост на Наполи, но потоа следуваше студен туш.
 
Адуриз во период од осум минути постигна два гола за комплетен пресврт и водство на Атлетик Билбао, а сите дилеми околу победникот ги реши Ибаи на 15 минути до крајот.
 
Арсенал тешко но заслужено дојде до минимална победа од 1-0 против Бешикташ и не дозволи изненадување, а тоа лесно можеше да се случи, бидејќи на турскиот тим му беа потребни 1-1 за сензација.
 
Херојот на Топџиите е Алексис Санчез кој постигна гол во судиското продолжение од првото полувреме.
 
Арсенал пропушти неколку идеални шанси за гол со кој порано ќе го решеше победникот, па тимот на Венгер до крајот стравуваше за пласманот во Лигата на Шампионите.
 
Посебно поради тоа што на 15 минути до крајот Арсенал остана со фудбалер помалку откако Дебуши заработи втор жолт картон.
 
Демба Ба имаше можност со глава во самиот финиш да реализира, но не успеа.
 
Амбициозниот тим на Салзбург доживеа елиминација откако беше убедливо поразен со 3-0 на гостувањето кај Малме.
 
Леверкузен со 4-0 го прегази тимот на ФК Копенхаген, германскиот тим уште во првиот натпревар си ја заврши работата кога победи со 3-1 на гостувањето во Данска.