24фудбал

Атлетико Мадрид го освои Суперкупот на Шпанија

Атлетико Мадрид со 1-0 го победи Реал Мадрид на Висенте Калдерон и ја урна серијата на Кралевите од 14 години без пораз на овој стадион.

Шпанија
Тимот на Диего Симеоне продолжува да блеска и покрај заминувањето не неколку клучни играчи.
 
Ѕвездениот тим на Реал Мадрид оваа сезона целеше на шест титули, но Кралевите се сопнаа на вториот предизвик.
 
Атлетико Мадрид го слави трофејот од Суперкупот на Шпанија, тимот на Диего Симеоне со 1-0 го совлада Реал Мадрид и сосема заслужено се радува на првата титула оваа сезона.
 
Херјот за домаќините е новото засилување, Марио Манџукиќ чиј гол во 2. минута се покажа како решавачки за победата над градскиот ривал.
 
Натпреварот очекувано изобилуваше со многу тензија, груби стартови, жолти картони, исклучувања, но гледачите видоа и фудбал и неколку одлични прилики за гол.
 
Во текот на првиот дел поради приговор кон судиите, Диего Симеоне беше испратен на трибините, а пред крајот на натпреварот Лука Модриќ заработи втор жолт картон.
 
Реал Мадрид одигра под очекувањата на неговите фанови, па Карло Анчелоти ќе мора побрзо да ги вклопи новите фудбалери со цел да го избегне притисокот кој сигурно би следел од медиумите.