24фудбал

Вардар се жали на одлуките на ФФМ

Вардар смета дека ФФМ нема ист аршин кон сите, клубот смета дека фудбалската организација треба многу попрофесионално да си ја извршува работата.

Македонија
Поминаа три кола од домашниот шампионат, а Вардар веќе заработи казни во висина од 5000 евра.
 
Црвено-црните беа казнети за случувањата на трибините во Битола, како и за навредливо скандирање во Скопје на натпреварот против Шкендија.
 
Иако националистичките скандирања на Филип Втори Арената ги започнаа навивачите на Шкендија и воопшто не се штедеа од навредливи извикувања, ФФМ не го казни фудбалскиот клуб од Тетово.
 
Претседателот на Вардар, Мирко Спасески има забелешки за работата на ФФМ.
 
„Како долгогодишен фудбалер и сега како спортски работник во Ф.К. Вардар, се што можам да кажам е дека сум пресреќен што новиот менаџмент активно работи на сите полиња. Според мене за прв пат во македонскиот фудбал се креира слика која оди во насока на светските стандарди. Сведок сум на поставување на темели на европски клуб во Македонија. Ниту еден менаџмент на клубови, за толку краток период не настапил толку прогресивно и агресивно во капитални инвестиции, за 6 месеци да направи реорганизација на состав за кој сте сведоци" - вели Спасески на денешната прес конференција.
 
„Би сакал да ја уверам јавноста дека Ф.К. Вардар оди во права насока, а апелирам до ФФМ под итно да ги искористи и употреби сите интелектуални и организациони капацитети со цел да ја подобри сликата за организација на натпревари во ПМФЛ. Домашниот фудбал е основата кон нашата цел, да бидеме дел од меѓународниот фудбал. Неможе ФФМ како полноправна членка, да си дозволи да екипа која има амбиции за европски фудбал да биде тотално небезбедна, во Битола бомби на трибини, слична беше и сликата во Штип, каде за жал полицијата мора да ја работи обврската на агенциите за обезбедување и редарската служба. Каде се делегатите да спречат почеток на натпревар и да изречат соодветни казни. Како може во кошарка и ракомет да се спроведува законот за спорт во сите градови низ Македонија, а во фудбалот да имаме компликации, небезбедни стадиони без основни човечки услови. Бараме ФФМ итно да спроведе мерки со кои ќе ја зголеми безбедноста на секое гостување на Ф.К. Вардар и ќе ја олесни задачата на МВР.“
 
„Би сакал да додадам дека Вардар е казнуван секое коло, досега од овие три кола сме казнети 5.000 евра. Во Битола поради случувањата на трибините, во Скопје на натпреварот со Шкендија поради навредливо навивање, а навредливото навивање од страна на навивачите на Шкендија е сеуште под постапка на ФФМ. Ф.К. Брегалница е казнет поради наводно слаб сигнал на интернетот, а бевте и самите сведоци за недостатоците кои се присутни низ терените ширум Македонија. Дали Г. Илчо Ѓорѓиоски, претседателот на ФФМ ќе ја спроведува истата пракса од времето на Љубисав Иванов - Ѕинго кога пред секое коло Вардар беше казнуван? Пред почетокот на оваа натпреварувачка сезона, Вардар беше казнет за натпреварот од последното коло во минатата сезона, а поминаа 4 месеци од тој натпревар. Се надеваме дека нема заговор против Вардар и дека ФФМ ќе обезбеди фер и коректни услови за фудбал за сите клубови подеднакво во Македонија.“