24фудбал

Џерард: Суарез е премногу добар за Арсенал

Стивен Џерард вели дека минатото лето го советувал Луис Суарез да остане уште една година во Ливерпул и да не се пресели во Арсенал бидејќи е премногу добар за нив

Англија
Репрезентативецот на Уругвај минатото лето се поврзуваше со заминување од Енфилд, ’Црвените’ не играа во Лигата на Шампионите, па неколку клубови се обидоа да го примамат напаѓачот со настап во најелитното натпреварување во Европа.
 
Арсенал направи најконкретен обид, ’Топџиите’ испратија понуда вредна 40 000 001 милиони фунти и веруваа дека со оваа сума ја активираат откупната клаузула во договорот на играчот.
 
Сепак, Ливерпул одби да го продаде Луис Суарез а напаѓачот имаше фантастична сезона и сосема заслужено беше прогласен за најдобар во Премиер лигата.
 
Ова лето на негова адреса пристигнаа нови понуди, Ливерпул не одолеа на интересот на Барселона, па Луис Суарез направи мега трансфер на Камп Ноу вреден преку 80 милиони евра.
 
Во разговор за The Telegraph, Стивен Џерард вели дека жали што Ливерпул останал без услугите на играч од калибарот на Луис Суарез, но не му замерува на Уругваецот што сакал да го оствари сонот и да заигра за Барселона.
 
„Неговиот сон беше да игра за Барселона или Реал Мадрид“ - вели капитенот на ’Црвените’.
 
„Минатото лето разговарав со него и му реков, ’Не оди во Арсенал’. Имам голема почит кон нив, но му кажав на Луис дека е премногу добар за Арсенал“.
 
„Му реков, ’Ако постигнеш 30 погодоци за нас и бидеше прогласен за Најдобар во Премиер лигата, одново ќе пристигнат понуди од топ клубови’“.
 
„Многу луѓе веруваат дека Луис можеше да му даде уште многу на Ливерпул, но таков е случајот со поголемиот број на играчи од странство“.
 
„Мојот голем сон беше да играм за Ливерпул, а фудбалерите од странство сонуваат за настап во дресот на Реал Мадрид или Барселона, тоа е факт“.
 
„Ќе бев прилично тажен и разочаран доколку Луис се преселше во Арсенал“.
 
„Жалам што замина од Ливерпул, но среќен сум за него, го доби она што го сакаше и она што го заслужува“.
 
„Не можете да му замерите кога вели дека се сели во Барселона, но ќе бев разочаран доколку се преселеше во Арсенал“.