24фудбал

Мурињо пресреќен што ги има Чех и Куртоа

Жозе Мурињо вели дека еден од Петр Чех и Тибо Куртоа ќе биде разочаран оваа сезона, но тој и фановите на Челзи ќе бидат пресреќни што двајца фантастични голмани се дел од тимот

Англија

Чех е прв голман на ’Сините’ од 2004 но неговото место во стартниот состав сега е неизвесно откако Жозе Мурињо побара Тибо Куртоа да се врати на Стемфорд Бриџ.

22 годишниот репрезентативец на Белгија помина три сезони на позајмица во Атлетико Мадрид каде се етаблираше како еден од најдобрите млади голмани во светот на фудбалот.

Жозе Мурињо сега треба да одлучи кој ќе застане помеѓу стативите, изборот нема да биде лесен, но ’Специјалниот’ е пресреќен што има ваква дилема.

„Мојата ситуација е фантастична” – вели Португалецот.

„Да ги имам на располагање Куртоа и Чех, најдобриот млад голман во светот и еден од топ три или топ пет најискусни голмани, за мене и Челзи тоа е перфектно”.

„Дефинитивно ќе бидеме во сигурни раце бидејќи двајцата се навистина добри голмани”.

„Еден од нив веројатно нема да биде среќен, но фановите на Челзи ќе бидат среќни и тие се многу поважни од играчите”.

Се говореше дека Петр Чех би можел да замине, ПСЖ се посочуваше како негова следна дестинација, но Жозе Мурињо не сака да остане без репрезентативецот на Чешка.

„Се може да се случи во трансфер пазарот, но јас сум задоволен од сегашната ситуација”.

„Тренерот се соочува со проблеми кога нема доволно добри играчи. Тогаш е во неволја”.

„Платен сум да носам одлуки и навистина сум среќен со ваквата ситуација”.