24фудбал

Работнички елиминиран од Хелсинки

Работнички со 2-1 загуби на гостувањето кај Хелсинки и го заврши настапот во квалификациите од Лигата на Шампионите.

Македонија
Македонскиот шампион го заврши настапот во фудбалска Европа откако по скопските 0-0, со 2-1 беше поразен во реванш натпреварот против Хелсинки.
 
Работнички добро му парираше на фаворитот, но не успеа да направи изненадување, а за тоа му беше потребен само уште еден погодок.
 
Романтичарите одлично го започнаа натпреварот со висок пресинг, но со два брзи гола во 22. минута преку Лод и 26. преку Морен, Хелсинки дојде во водство со 2-0.
 
Работнички напаѓаше со цел да се врати во натпреварот и тоа се случи по само две минути игра во вториот дел, кога по удар на Вујчиќ, голманот на домаќините направи голем кикс и топката заврши зад неговиот грб.
 
Нашиот тим имаше иницијатива во финишот од натпреварот, напаѓаше, се обидуваше да дојде до втор погодок, но не успеа да создаде посериозна шанса за гол.
 
На крајот Хелсинки беше тимот кој што се радуваше, а Работнички ја продолжи црната серија за македонските претставници во квалификациите од Лигата на Шампионите кои немаат победа во ова натпреварување од 2. август 2006 година.
 
Металург кој синоќа го помина Железничар, остана единствениот наш претставник во Европа.