24фудбал

Ван Гал не е задоволен од турнејата во САД

Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Луј ван Гал вели дека турнејата во САД ќе има негативно влијание врз подготовките за новата сезона

Англија

’Црвените Ѓаволи’ во моментов се на подготовки во САД, каде утре во раните утрински часови ќе го одиграат првиот пријателски натпревар против Лос Анџелес Галакси во Калифорнија.

Турнејата во САД ќе трае две ипол недели, а доколку Манчестер Јунајтед стигне до финалето на Интернационалниот Куп на Шампиони, играчите ќе патуваат повеќе од 20 000 км.

По натпреварот со Лос Анџелес, ’Црвените Ѓаволи’ ќе отпатуваат за Денвер, Вашингтон и Детроит, а доколку бидат први во групата во која уште се Рома, Реал Мадрид и Интер, ќе патуваат и за Мајами.

Помеѓу натпреварите фудбалерите ќе треба да се појавуваат на настани организирани од спонзорите, а исто така се обврзани и да даваат интервјуа.

Турнејата во САД на Манчестер Јунајтед ќе му донесе економски бенефит, но Луј ван Гал вели дека во исто време ќе бидат нарушени и подготовките за новата сезона.

„Турнејата и комерцијалните обврски ќе влијаат на подготовките” – вели Ван Гал.

„Има многу патување, потребно е да летате многу а тука е и заморот што го носат временските разлики. Ова се работи кои ве спречуваат да имате добри подготовки”.

„Но турнејата беше веќе договорена па јас треба да се прилагодам, и ќе се прилагодам”.

Холанѓанецот исто така сугерираше дека следното лето клубот ќе се прилагоди на неговите барања и ќе има помалку патувања.

„Манчестер Јунајтед ќе се прилагоди на моите правила за добри подготовки”.

„Се надевам дека ќе има помалку патувања. Лидерите на клубот ми го потврдија тоа. Убеден сум дека ќе го исполнат ветувањето”.