24фудбал

Официјално: Гинтер потпиша за Дортмунд

’Милионерите’ го потврдија трансферот на Матијас Гинтер од Фрајбург, дефанзивецот стави потпис на пет годишен договор

Германија

20 годишниот фудбалер на Фрајбург, кој беше дел од репрезентацијата на ’Панцирите’ која стигна до трофејот на мундијалот во Бразил, важи за еден од најталентираните и најперспективните дефанзивци во Германија.

Баерн Минхен и Борусија Дортмунд подолго време пројавуваа интерес за неговите услуги, а на крајот ’Милионерите’ се тие кои стигнаа до потписот на Матијас Гинтер во зделка вредна околу 10 милиони евра.

„Борусија Дортмунд го ангажираше Матијас Гинтер од Фрајбург” – гласеше известувањето на клубот од Сигнал Идуна Парк.

„Дефанзивецот, кој беше член на репрезентацијата на Германија која стигна до трофејот на светското првенство, стави потпис на договор со трајност до 30. јуни 2019”.

За новото засилување, спортскиот директор на ’Милионерите’, Михаел Цорк рече: „Матијас е технички добро поткован и сестран германски талент за кого долго време пројавувавме интерес”.

„Задоволни сме и горди што тој веднаш изрази желба да се пресели во Борусија Дортмунд”.

„Играме во три натпреварувања, амбициозни сме и донесовме одлука во новата сезона на располагање да имаме четири силни централни дефанзивци”.

За преселбата во Дортмунд, Гинтер рече: „Ми се оствари детскиот сон. Голем фан сум на ’Милионерите’ од мали нозе, и сега ми се укажа шанса да го носам дресот на мојот омилен клуб”.


Комерцијален текст: