24фудбал

Неверојатно, Бразил - Германија 1:7!

Германија го понижи Бразил на негов терен во полуфинале на светско првенство, Панцирите победија со неверојатни 7-1, историски натпревар!

СП 2014

Бразил - Германија 1:7, резултат за историја, полуфинале какво што никој не можеше да предвиди.

Бразил беше понижен, посрамотен на негово тло во полуфинале од светско првенство, германската машина презентираше неверојатна моќ.

Јасно беше дека ќе недостасува отсуството на Тиаго Силва, но никој не се надеваше дека одбраната на Бразил може да одигра толку лош натпревар.

Не помина ни половина час а Жулио Цезар пет пати ја вадеше топката од мрежата.

Серијата ја отвори Милер во 11. минута, а во 23. Клосе го постигна својот историски гол со кој стана најдобриот стрелец на светските првенства.

Потоа дојде редот на Тони Крос кој за две минути постигна два гола, а првото полувреме го комплетираше одличниот Кедира.

Во вториот дел два пати прецизно стрелаше нововлезениот Шурле, а Бразил преку Оскар во 90. минута успеа да постигне почесен гол.

Срамни 1-7 за Бразил, пораз кој никако не може да се оправда, натпревар кој ќе влезе во црната историја на бразилскиот фудбал.

Германија извонредна, моќна, зрела за големиот трон, но добрата игра мора да биде пренесена и во финалето каде што ќе го чека подобриот од пресметката помеѓу Аргентина и Холандија.