24фудбал

Стоперите го однесоа Бразил во полуфиналето

Со головите на Тиаго Силва и Давид Луиз, Бразил со 2-1 ја победи Колумбија и се пласираше во полуфиналето од светското првенство.

СП 2014

Бразил ја доби јужноамериканската битка против Колумбија и сосема заслужено го продолжува својот пат на светското првенство.

Бразилците го одиграа својот најдобар натпревар на Мундијалот, но во финишот стравуваа дека можат да ја загубат победата.

Домаќинот фуриозно го започна натпреварот, во седмата минута Тиаго Силва погоди за водство од 1-0, очајна интервенција на одбраната на Колумбија.

Колумбија која до овој натпревар играше одлично, вечерва потфрли, во поголем дел од натпреварот изгледаше импресирано од значењето на дуелот, кој за нив беше историски.

Во 69. минута Давид Луиз постигна прекрасен гол од слободен удар за водство на Бразил од 2-0.

Десетина минути подоцна, Жулио Цезар направи прекршок за пенал кој успешно го реализираше Џејмс Родригез.

За него ова беше шести гол на првенството со кој се зацврсти на првото место на листата на стрелци на светското првенство.

По постигнатиот гол, Колумбија целосно се пресели пред голот на Цезар, но Бразилците успеаа да издржат до крај и да се радуваат на полуфинале.

Сепак во победата на Бразил има две големи црни точки за нив, Тиаго Силва доби жолт картон поради кој ќе го пропушти полуфиналето против Германија, а во финишот од натпреварот Нејмар заработи повреда поради која беше изнесен на носилки.

Бразил сосема заслужено се радуваше на пласман во полуфиналето, Колумбија и покрај поразот може да биде горда на успехот, за прв пат во нивната историја стигнаа до 1/4 финале на светско првенство.