24фудбал

Бразил тргна со победа

Бразил со пресврт ја победи Хрватска со 3-1 во воведниот натпревар на светското првенство, одлична увертира на Мундијалот.

СП 2014

Победнички старт на домаќинот, Бразил ја совлада Хрватска на отварањето на светското првенство.

Одлично отварање на Мундијалот, Бразил и Хрватска одиграа добар и ефикасен натпревар, па ако судиме по него пред нас е одлично светско првенство.

Хрватска се покажа во одлично издание, поведе, имаше и шанси и за некој погодок плус и поволен резултат од овој натпревар, но на крајот Бразил беше тој кој се радуваше.

Хрватите се бесни и на јапонскиот судија кој можеби престрого досуди пенал за домаќинот.

Натпреварот започна со студен туш за домаќинот, по само 11 минути игра, Марсело ја погоди сопствената мрежа за водство на Коцкастите од 1-0.

Нејмар успеа во 29. минута со прецизен удар од далечина да го изедначи резултатот на 1-1.

Во вториот дел Бразил се мачеше да создаде шанса за гол, Хрватска беше рамноправна во овој дел од натпреварот.

Но во 71. минута Ловрен го повлече Фред, контакт кој можеби не беше доволен за пенал, но судијата покажа на белата точка, Нејмар реализираше за комплетен пресврт и водство на Бразил од 2-1.

Во 90. минута Перишиќ со шут од далечина можеше да го изедначи резултатот, Цезар одбрани, а во брз против напад, Оскар најдобро се снајде и постигна убав погодок за конечни 3-1.

На крајот Бразил се радуваше на победата, Хрватска може да жали за пропуштеното, но својата шанса ќе ја бара во останатите два натпревари од групната фаза.