24фудбал

Атлетико Мадрид во финале, Челзи падна на Стемфорд Бриџ

Атлетико Мадрид со 3-1 го победи Челзи на Стемфорд Бриџ и патува во Лисабон каде го чека градскиот ривал Реал Мадрид.

Лига на Шампиони

За прв пат во историјата на Лигата на Шампионите ќе гледаме градско финале, сезоната од соништата за Атлетико Мадрид продолжува.

Диего Симеоне го надмудри Жозе Мурињо, Атлетико Мадрид беше подобар од Челзи и сосема заслужено ќе се бори за големиот трофеј.

А натпреварот за Челзи започна добро, во 36. минута Фернандо Торес постигна гол за водство на Сините од 1-0.

Но пред крајот на првиот дел голема грешка на одбраната на Челзи, Адриан користи и изедначува на 1-1.

Мурињо во вториот дел го внесе Самуел Ето, но токму тој се покажа како еден од трагичарите на овој натпревар, направи прекршок за пенал кој го реализираше Диего Коста за комплетен пресврт и водство на Атлетико од 2-1.

Челзи имаше двојна шанса преку Џон Тери и Давид Луиз, не ги искористи, па натпреварот брзо беше решен со погодок на Арда Туран во 72. минута.

На спроти очекувањата, на Стемфорд Бриџ беа постигнати четири гола, а стативата три пати се тресеше.

Главната одлика на Челзи оваа сезона беше добрата одбрана, но токму нејзиното лошо издание денес го реши победникот на овој натпревар.

Атлетико Мадрид оваа сезона без пораз во Лигата на Шампионите доаѓа до Лисабон, каде што го очекува Реал Мадрид кој ја брка десетата титула Европски шампион.