24фудбал

Мурињо: Сите сме заедно

Жозе Мурињо има голема верба во своите фудбалери и вели дека тоа му помага смирено да влезе во реванш полуфиналниот натпревар против Атлетико Мадрид.

Лига на Шампиони

На последниот тренинг во пресрет на натпреварот против Атлетико Мадрид, тренираа и Френк Лампард и Џон Оби Микел кои поради суспензија нема да можат да играат, Немања Матиќ и Мохамед Салах кои немаат право на настап во ЛШ, како и Петр Чех кој поради повреда ќе го следи дуелот од трибините.

„Јасно е дека тој е повреден и не може да игра, но сите се подготвени. Тоа беше пораката која сакавме да ја дадеме" - вели Жозе Мурињо.

„Сите беа на теренот, суспендираните фудбалери, оние кои не можат да играа во ЛШ, повредените играчи. Ова е многу важен натпревар за нашата група. Сите сме заедно, сите сакаат да помогнат и сите сакаат да играат".

„Дури и фудбалерите кои не можат, сакаат да играат. Пораката од Петр и останатите беше токму тоа".

Петр Чех сигурно нема да игра, но Еден Азар, Самуел Ето и Џон Тери се очекува да бидат стартери на вечерашниот натпревар.

„Мојот капитен игра на исто ниво на кое играше кога го напуштив Челзи во 2007 година. Едноствано е така. Шест-седум години подоцна игра уште на своето најдобро ниво. Фер е да се потенцира тоа".

„Исто така фер е да се каже дека и играчите околу него се фантастични. Неговото партнерство со Кејхил е фантастично и останатите дефанзивци вршат многу добра работа".

„Мислам дека тој заслужува повеќе од тоа што му дала Лигата на Шампиони до сега. Загуби неколку полуфиналиња поради одредени околности. Загуби финале. Доби финале но не играше во него. Мислам дека Лигата на Шампионите му должи нешто. Се разбира, тој ќе биде стартер вечерва".

Искуството на Мурињо во Лигата на Шампионите е големо, ова за него е петто полуфинале по ред.

„Не мислам дека моето искуство е клучно. Можеби ќе ми помогне да спијам добро пред натпреварот, но за време на натпреварот, тоа е натпревар, нокаут натпревар, дуел кој ќе го одлучуваат детали, можеби еден гол ќе биде разликата".

„Тоа е натпревар каде што сите мора да бидат на највисоко ниво, фудбалерите и јас. За време на 90 минути, тие се поважни од менаџерот. Им верувам многу и тоа ми помага да бидам смирен".