24фудбал

Мурињо со променет тим против Ливерпул

Жозе Мурињо е подготвен да направи големи промени во тимот кој ќе му се спротистави на Ливерпул со цел да ги одмори клучните фудбалери за реванш дуелот против Атлетико Мадрид.

Англија

Челзи синоќа одигра 0-0 на гостувањето кај Атлетико Мадрид, па во реваншот Сините ќе треба да бркаат победа.

Голманот Петр Чех и капитенот Џон Тери се повредија, па тие сигурно нема да бидат дел од дерби натпреварот против Ливерпул.

По поразот од Сандерленд, шансите на Челзи за титулата се сведени на теорија, па Мурињо сака да се фокусира на Лигата на Шампионите и да излезе со променет состав на Енфилд.

„Не можам да одлучам сам. Мислам дека за одлуката треба да го послушам и клубот. Јас сум само парче, само менаџер и ништо повеќе од тоа" - вели Мурињо.

„Треба да го послушам клубот. И фактот што натпреварот се игра во недела, а не во петок или сабота, создава проблем".

„Ние го претставуваме англискиот фудбал и сме единствениот англиски клуб во Европа. Шпанија има четири и федерацијата им ги дава сите услови за да остварат успех во натпреварувањето".

„Знам што би направил, но јас не сум клубот, треба да зборувам со другите во клубот".

„Јас би играл со фудбалерите кои нема да играат во среда".

Сигурно е само дека против Ливерпул ќе играат Френк Лампард и Џон Оби Микел кои поради жолти картони ќе го пропуштат реванш дуелот против Атлетико Мадрид, како и Немања Матиќ и Салах кои немаат право да играат за Челзи во Лигата на Шампионите.